Празникот на сесветото преселување на Скинијата на Животот

27.08.2025 ВЕЧЕРНА БОГОСЛУЖБА- Празникот на сесветото преселување на Скинијата на Животот, Мајката Божја, беше свечено и торжествено прославен и оваа година, а централната прослава во Тетовско-гостиварската епархија беше во манастирскиот храм „Успение на Пресвета Богородица “ во Лешочкиот манастир. Празнувањата започнаа во вечерните часови на 27 август, со празнична Вечерна богослужба на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужение на протоереј-ставрофор Марјанчо Мадевски, протоереите Ѓорѓи Сламков, Александар Стојаноски, Илија Сламков и ѓаконот Живомир Јосифоски. По завршувањето на Вечерната служба, беше изнесена за целивање плаштаницата на Успението на Пресвета Богородица, над која се пееја статиите од опелото на Пресвета Богородица. На самиот крај од Вечерната богослужба, Митрополитот г. Јосиф се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, на која меѓу другото истакна: Пресвета Богородица, мили мои, е постојано со сите нас. Светиот Григориј Палама, во својата проповед за Успението на Богородица вели дека „Таа стои помеѓу Бог и целиот човечки род“. Несомнено, таа е најубавиот украс и Неа и прилега најголемата чест и слава, бидејќи со Неа човечката природа е воздигната на највисок степен на моралното усовршување. Заради тоа Богородица е најблиску до Бога. Земена во Христовите прегратки и вознесена на небото, Таа постанала прва и најголема застапничка на луѓето пред Бога, Која и денес се застапува за сите нас што на денешниот светол ден стоиме пред Нејзиниот успенски лик. Денеска пееме: Во твоето успение не си нè оставила. Тоа сведочи дека каде и да се наоѓаме, ако ја повикаме Пресветата Богородица на помош, таа ќе ни одговори на нашите прозби и ќе ни помогне. Ги брише нашите солзи, ги зема нашите немоќи и со нејзината мајчинска љубов, на нејзините раце ги носи пред својот Син и наш Бог, Господ Исус Христос. И навистина, можеше ли да има поголем дар од Бога за нас, но и од нас луѓето за Бога, од Неговата пресветла Мајка!? Таа е Мајка Која постојано и со најголема љубов нè разбира сите нас, сочувствува со нас, сострадува со нас, посредува за нас. Нејзините молитви се најсилни и од Бога најуслишани. Неслучајно Црквата секое свое молитвословие го завршува со молитва кон Богородица, а во една таква молитва Ја нарекува ‘застапништво на христијаните непосрамливо’. Зашто секој кој се надева на Оваа најсвета и пречиста Мајка, не останува посрамен. Потребно е само да имаме вистинско покајание, вистинско умиление и така смирено да притекнеме кон Неа, и Таа, Премилостивата, сигурно нема да нè остави празни. Како што ниедна мајка не ги остава неуслишани добрите барања на својот син, па макар колку и да бил тој лош и колку и да се оддалечил од патот на кој таа го учела. Мајчинското милостиво и сострадално срце брза да ги исполни молбите на своето дете. Со колку, пак, поголема љубов и ревност тоа го прави нашата небесна и совршена Мајка! Ние христијаните, навистина имаме таква Мајка, Која секогаш ги исполнува нашите добри молитви. Затоа, Нејзините молитви ни се навистина потребни на сите нас. Во овие празнични мигови, наоѓајќи се под закрила на Небесната царица овде во нејзиниот Лешочки манастир, да И се обратиме со молитва на Возвишената да ни биде како и секогаш, и сега постојана застапничка и молитвеничка пред Бога, за нас и за  сите наши идни поколенија. Таа нека биде нашата патеводителка на патот кон спасението и Нејзиниот благослов нека биде врз сите нас постојано сега и секогаш и во сите векови. Амин!
Честит и вековит да е празникот!