„Св. Наум Охридски“ на Попова Шапка
На 3 јули 2025, денот кога Црквата го слави споменот на преподобниот чудотворец и отец наш Наум Охридски, во манастирот „Св. Наум Охридски“ на Попова Шапка, се отслужи Архијерејска Божествена Литургија на која чиноначалствуваше Неговото високопреосвештенство, митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф во сослужение на свештеници од Тетовско-гостиварската епархија. На Литургијата присуствуваше многуброен верен народ, кој претходно подготвен, пристапи кон светиот Путир. По завршувањето на Литургијата беше прекршен и благословен празничниот колач. Црковниот одбор на овој духовен бисер на Тетовско-гостиварската епархија, со многу љубов и почит ги пречека сите поклоници на манастирот и приреди трпеза на љубовта. Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верното стадо со пригодна беседа на која меѓудругото истакна: Секоја година како и денес сме тука на овој ден, на манастирската слава во манастирот св. Наум овде на Попова Шапка. Ви благодарам што направивте подвиг и со голема љубов и вера дојдовте да оддадете почит на денешниот светител. Светата Православна црква, секоја година на овој ден нe потсетува дека во историјата на христијанството, проповедал и живеел според верата Христова, еден од големите духовници, преподобниот Наум Охридски, познат и почитуван надалеку. Верниот народ од нашата земја има особена почит кон светиот Наум. Доказ за тоа се храмовите и манастирите подигнати во чест на овој светител, како во епархиите во татковината, така и во епархиите во нашата дијаспора. Еден од тие храмови е и оваа манастирска црква овде на Шапка, во која ние секоја година масовно се собираме да му ја оддадеме заслужената почит на еден од нашите најголеми македонски светители. Св. Наум живеел во втората половина на IX век, а својот животен пат го завршил на самиот почеток на X век. Живеел испосничко-подвижнички свет живот, па затоа, Бог го прославил и го вброил меѓу Божјите угодници. Угодувајќи Му на Бога, се стекнал со смелост да се моли за секоја христијанска душа која со вера, надеж и љубов му се обраќа, просејќи поткрепа, утеха и помош. Св. Наум чудотворел уште додека бил во овој свет. Но Бог, после неговото упокоение, го прославува уште повеќе. Па така, Божјата благодат преку неговите молитви, преку неговото застапништво и преку неговиот свет гроб, се излива на секоја душа и на секој човек, кој со искрена вера бара помош од овој сосуд Божји. Па и ние, кои сме собрани на молитва во неговиот свет манастир овде на Шапка, да се обратиме со искрена молитва кон св. Наум. Да биде наш молитвеник пред престолот на Севишниот и да измоли милост Божја. А Бог да ја испрати Својата благодат врз нас, да можеме да го одиме земниот живот по тесниот, но спасоносен и вистински пат, којшто води во царството небесно и животот вечен. По молитвите на св. Наум, така нека биде. Амин! Нека е за многу години манастирската слава! Бидете благословени и имајте лесни Петровденски пости.