Cе постави крст на црквата св. Илија во с. Стенче -Тетовско

На 02.05.2025 година, се освети и се постави крст на црквата св. Илија во с. Стенче -Тетовско. Чинот на осветување на новопоставениот крст го изврши Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во сослужение на свештеници од Тетовското архиерејско намесништво. Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, на која меѓудругото нагласи: Почитувани жители на ова прекрасно живописно село Стенче. Денес го осветивме крстот кој ќе биде поставен на вашиот храм. За силата и значењето на светиот крст говореле многу свети отци. Св Никодим Светогорец вели:„ Гледајќи го крстот, постојано мисли дека тоа е знаме на нашето духовно војување, во кое е скриена сепобедната сила, и дека ако се оддалечиш од него, тогаш ќе бидеш предаден во рацете на своите непријатели, а ако бидеш под него, тогаш ќе го достигнеш небото и ќе влезеш во него во преславното празнување“. Често и во комуникацијата на нашиот народ може да ги забележиме зборовите „Секој со својот крст“, кои асоцираат на животните страданија на секој еден од нас. Но запаметете дека без страдање и смрт – нема воскресение. Затоа да не се плашиме од страдањата, и да го носиме својот крст постојано, бидејќи според Христовите зборови: „кој не го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене“ (Матеј 10,38). Самиот Христос нè повикува да го носиме крстот свој, но со тој повик, треба да се сетиме дека ние сме повикани својот крст преку следење на Христа да го преобразиме во Крст Христов. Тоа значи својот живот да го уподобиме на Христовиот живот, бидејќи секое друго носење на крстот во животот – ако не е пропратено со следење и уподобување на Христа е неплодно и залудно.Нека е за многу години! Под крстното знамение во овој храм овде во с.Стенче секогаш да наоѓате утеха.И знам дека наоѓате утеха, бидејќи тоа го потврдувате со вашата жива вера и љубов кон Бога и црквата.Бидете благословени.Крстот секогаш да ве штити вас и вашево преубаво Стенче.