ПРОЧКА

На 17.03.2024 година, ПРОЧКА, во Неделата од сирната седмица, во вечерните часови, во Соборниот храм св. Кирил и Методиј-Тетово, беше отслужена Вечерна богослужба на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужение на протоереј-ставрофор Марјанчо Мадевски, протоереј Предраг Исаевски, протоереј Ѓорѓи Сламков, протоереј Александар Стојаноски, ереј Илија Сламков и ѓакон Славче Ѓорѓески. По завршувањето на Вечерната богослужба, беа прочитани молитвите пред почетокот на Великиот пост. На крајот Митрополитот г. Јосиф како и сите присутни верници, побараа прошка еден од друг, за добар и благословен почеток на Великиот пост. Во својата беседа кон благочестивиот народ, митрополитот г. Јосиф меѓу другото нагласи: Наоѓајќи се на самиот почеток на Великиот пост, кој не е лесен период, но е многу важен за духовниот живот на секој човек, а на тоа нè повикува и светата Црква, да најдеме сили во себе и да го направиме првиот чекор кон нашиот ближен и да му речеме: прости. Пред сè, да бараме проштевање кај оние со кои секојдневно се сретнуваме, но и со тие со кои сме во недоразбирање. Сето тоа не е едноставно, но е неопходно.
Да побараме проштевање и од блиски и од далечни, затоа што проштевањето е прва скала или чекор кон патот на покајанието, односно кон Бога. Времето на Велигденскиот пост кој започнува од утре е време на покајание и очистување. Без покајание нема очистување, а без очистување нема спасение. Со покајание, како што слушаме од црковните песни и молитви, се оправдал цариникот и ѝ било простено на грешницата. Покајанието на разбојникот му ги отворило рајските двери. И ние, кои се наоѓаме вечерва во овој свет храм овде во Тетово, да собереме духовна сила и искрено, од сè срце и со цела душа да им простиме на сите на кои сме им згрешиле или ни згрешиле. Па така поткрепени од Божјата благодат, да можеме достоинствено да го поминеме и Велигденскиот пост. Драги браќа и сестри, сите ние од овој миг, простувајќи си, да ја започнеме таа борба и преку постот, молитвата, покајанието и исповедта пред својот духовен отец, да стигнеме до Светата Причест која е наше најголемо богатство – кон кое треба секојдневно да се стремиме, наш лек за животот вечен. Ова благопријатно време е жетва на нашите души. Да не бидеме мрзливи, да постиме и да се воздржуваме од злото и сето зло што сме го направиле во текот на годината, сега да го отфрлиме преку покајание и смирение, и преку овој пост да го заслужиме неискажливото милосрдие на Христа Бога, Кој Го молиме да не удостои и нас за рајската наслада, и како единствен човекољубец, да нè помилува. Амин!