Првата недела од Великиот пост - Неделата на православието

На ден 24.03.2024 година, во Првата недела од Великиот пост - Неделата на православието, во Соборниот храм ,,Пресвета Богородица" во Гостивар, беше отслужена Света архијерејска Василиева литургија на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужение на протојереј-ставрофор Јован Милановиќ - ректор на Православната богословија ,,Св. Арсениј" во Сремски Карловци, протојереј-ставрофор Томислав Јосифоски, протојереј-ставрофор Марјанчо Мадевски, јереј Виктор Димовски, јереј Симеон Стојанов, јереј Зоран Велковски, јереј Кирил Фидански, јереј Мартин Андоноски, ѓакон Славче Ѓорѓески и ѓакон Илија Петров. Митрополитот г. Јосиф благоволи и го ракоположи најпрво во чин ипоѓакон, а потоа во чин ѓакон, дипломираниот теолог и професор во МПБ ,,Св. Климент Охридски", г. Живомир Јосифоски од Тетово. Верниот народ се причести со Светите тајни. Своја беседа за Неделата на Православието изрече Митрополитот г. Јосиф на која меѓу другото  истакна: ,,Денес, драги браќа и сестри е светата Недела на Православието. Оваа голема и света недела, која се нарекува токму така заради сите победи кои Православната Црква од Исток ги има извојувано над сите лаги, над сите ереси, над сите невистини, победа на Православието над сите лажни учења, лажни философии, лажни култури и науки, со еден збор, победа над сè она што го поткопувало Православието. Најмногу од сè, оваа Недела на Православието е востановена поради победата на вистинската вера над иконоборството. Овој празник бил воспоставен да се празнува во првата недела од Велигденскиот пост, како благодарност на Господа Бога Кој ѝ подарил на Црквата победа над иконоборците и над сите еретици преку Седмиот вселенски собор. Овој собор се одржал во 787 г. во Никеја. Соборот го осудил иконоборството како ерес и определил во храмовите и манастирите да се постават крстот Господов и светите икони и да се утврди нивното почитување, со воздигнување на умот и срцето кон Господа Бога, Божјата Мајка и светиите кои се изобразени. Како догма на православното учење се утврдило дека ние кога се молиме или се поклонуваме на иконите и на фреските, ние не ги обожуваме ликовите, туку ги почитуваме. Кога ги целиваме, пак, ние не го целиваме дрвото и металот, односно материјалот од кој е направена иконата, туку го почитуваме и целиваме ликот кој е изобразен на таа икона, а преку почитта на светиите, ние Го славиме и почитуваме Господа. Браќа и сестри, да се обратиме со искрена молитва кон светите отци коишто придонеле да се зацврсти вистинското учење за светите икони. Па преку нивните молитви да измолиме милост од Севишниот. На крајот од оваа моја беседа би сакал да му заблагодарам за денешното присуство и сослужување на почитуваниот Ректор на православната богословија  ,,Св. Арсениј"- Сремски Карловац проф. Јован Милановиќ кој денес е тука со нас, заедно со матурантите од богословијата кои ни ја разубавија денешната Литургија со нивното прекрасно пеење. Сакам почитуван ректоре да ви ги поклонам овие свештенички одежди кои се изработени во славниот Охрид, гордост на нашата МПЦ-ОА. Секогаш кога ќе богослужите да не имате во молитвите. На новоракопложениот ѓакон проф. м-р Живомир, кој е професор во нашата Македонска православна богословија, сметам дека нема потреба да му говорам за одговорноста во ѓаконската служба. Му посакувам само ревносно и достоинствено да богослужи за слава Божја и на својата Македонска Православна Црква. Бог да ве благослови. Имајте лесен и благословен период од постот.