Томина недела
На 27.04.2025 година, во неделата по Велигден - Томина недела, во Лешочкиот манастир беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужение на свештеници од Тетовското намесништво. На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, на која меѓудругото нагласи: Христос воскресна! и на сите нам ни го осмисли животот и ни покажа што е Бог и што е човек. Господ Христос ни покажа дека човек без Бог останува во смрт, сиот е мртов, сиот смртен. А Он, Богочовекот, еве воскресна од мртвите, ја победи смртта заради нас, со Воскресението Свое му обезбеди бесмртност на човекот, на битието човечко му го даде она што никој друг не му го дал. Неговото Воскресение е најважниот настан во историјата на светот. Воскресението на Господ Христос е најважниот настан во историјата на родот човечки. Тоа е најважниот настан и за мене и за тебе, во историјата на мојот живот и во историјата на твојот живот. Овие прекрасни зборови кои ги кажав минатиот ден, ги прочитав во една книга од Преподобен Јустин Ќелиски и сакав вака да ја почнам мојата денешна беседа. Навистина нема поголема радост, од Велигденската радост! Ние токму затоа, од Велигден до Спасовден, не се поздравуваме со никаков друг поздрав, освен со поздравот: Христос Воскресна! Навистина Воскресна! Ете, тоа е вистинското поздравување, особено во овие денови, од Воскресението Христово, до Вознесението Христово. Во оваа прва неделата по Велигден, наречена Томина, светите отци определиле да се чита евангелието за Томиното неверие, како потврда на вистинитоста на Христовото Воскресение. Оваа недела, прва по светлото Христово Воскресение, Црквата ја нарекува Томина недела. Во овој ден, во светата Црква се зборува за најважното нешто во животот на луѓето. Се зборува за она што го преобразува животот на луѓето, односно, го преобразува од обичен, во непроценливо ценет во очите Божји, но, исто така и во сопствените. На сите ни е познато евангелското четиво за апостолот Тома. Св. ап. Тома не поверувал на кажаните зборови од страна на останатите апостоли, дека им се јавил Воскреснатиот Христос. Оваа вест во себе носи голема смисла. Евангелието завршува со зборовите: „А овие се запишани, за да поверувате дека Исус е Христос, Син Божји, и верувајќи да имате живот во Неговото име" (Јн. 20, 31), односно, преку верата во Господа Исуса Христа и преку верата во Бога, човекот може да најде можност да живее во Бога, односно, да живее вечно. Со други зборови, тој има можност преку општење со Бога да живее вечно. Господ при јавувањето на светиот апостол Тома, исто така, сакал да ни укаже и на нас грешните и недостојните дека оние што ќе поверуваат во Него, без да Го видат, ќе бидат благословени и преблагословени, зашто Господ вели: „Блажени се оние што не видоа, а поверуваа“ (сп. Јован 20, 29). И ние денеска, кои се наоѓаме во овој свет манастир, да се обратиме кон Бога со искрена молитва. Божјата благодат да се пројави во нашиот живот и да нè крепи на тој пат во богопознанието и да ја зацврсти нашата вера. Преку верата, пак, да ни даде и надеж во вечен живот во нашиот Воскреснат Господ Исус Христос. Амин! ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!