Великиот пост богослужеше Повечерие и прв Акатист на Пресвета Богородица

22.03.2024 Во соборниот храм Свети Кирил и Методиј во Тетово, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф со свештенството од тетовското архиерејско намесништво, во првиот петок од Великиот пост богослужеше Повечерие и  прв Акатист на Пресвета Богородица. Кон верниот народ кој присуствуваше на Акатистот митрополитот се обрати со пригодна беседа: Во времето на Великиот пост, кога преку подвигот на постот и молитвите се трудиме да ги очистиме нашите тела и души, потребна ни е помошта од оние кои седат до Престолот на Севишниот. А кој може повеќе да се застапи за нас од Мајката Божја, која бессемено Го роди Спасителот на светот, Господ Исус Христос? Затоа и светата Црква одредила во овој Великопосен период да и вознесуваме молитви на Пречистата, и тоа во првите пет петоци од Велигденскиот пост. Токму во чест на едно чудо што се случило во Цариград во 627 година, кога при нападите од Аварите и Персијците на чудесен начин градот бил спасен, благодарение на  покровителството на Пресветата, тамошните христијани во знак на неискажлива благодарност кон Преблагословената создале посебна служба наречена Акатист, кој согласно богослужбената традиција и типикот на Светата црква, го служиме во текот на овој Чесен и Велик пост, поточно во првите пет петоци. Акатистот со наједноставни зборови кажано е благодарствена химна. Составен е од 12 кондаци и 12 икоси, кои се пофалбени песни со кои ѝ оддаваме чест и со кои и ние ја величаме Богородица, како и христијаните од Цариград, сеќавајќи се и спомнувајќи си за сите Богородични добрини направени кон нас. Името пак „акатист“ доаѓа од грчкиот збор –„Ακαθιστος“ што во превод на наш македонски јазик значи: да се стои на нозе, па можеме слободно да заклучиме дека акатистот е служба, која се служи во знак на благодарност со посебно внимание од страна на верните, односно со стоење во исправена положба – простум. Денес, ние верните луѓе присутни на овој Акатист го чуствуваме благодатното присуството на Пречистата Дева, Која како и во сите времиња и денес се застапува и Го моли Својот Син, а наш Бог Господа Исуса Христа за сите нас. За сите добра направени врз нас, за Нејзиниот милостив поглед и благодатниот омофор, кој постојано нè закрилува единствено што можеме да направиме е да И благодариме, да ја молиме, да се угледуваме на Неа и да ја почитуваме. Затоа, и ние денес собрани на молитва во овој храм уште еднаш од дното на нашата душа да кажеме: Те величаме Пресвета Дево и го почитуваме Твојот свет Покров, сега и секогаш и во сите векови. Амин